Антонио Милошоски куртули од одење во затвор

И предметот „Моќник“ доби печат застарено. Денеска запре овој судски процес кој почна во 2020-та година откако застаре гонењето и за пратеникот Антонио Милошоски неговиот татко и екс градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Според соопштението од Кривичен, обвинителот на денешното рочиште направил прецизирање на обвинителниот акт и ги преквалификувал делата „измама“ и „злоупотреба“ во ставови со поблаги казни, со што се намалуваат и границите на застарување

„Согласно направените измени од јавниот обвинител, и тоа во фаза на завршни зборови, судот по сила на Законот, односно член 402, точка 6 од ЗКП, донесе пресуда со која обвинителниот предлог се одбива заради настаната апсолутна застареност на кривичното гонење (согласно членот 107, став 1, точка 4, во врска со член 108, став 6 од КЗ). Трошоците на постапката паѓаат на товар на буџетот на РСМ“, информираат од Кривичен.

Од обвинителството за Телма велат дека без прислушкуваните разговори не можеле да го докажат првичното обвинение, но дека и измените на КЗ придонеле кон застарувањето.

„Со оглед на тоа што во текот на постапката, Судот не ги прифати снимките како доказ во постапката, надлежниот јавен обвинител во завршни зборови изврши преквалификација на кривичното дело во согласност со останатите материјални докази. Кривичното дело „Измама“ беше преквалификувано во „Злоупотреба на службена положба“, иако елементи за објективна застареност постоеја и за двете дела“, соопштуваат од ОЈО Скопје.

Претходно, поради измените на КЗ, застаре гонењето за експретседателот на лустрациската комисија Томе Аџиев и уште девет поранешни членови, а продолжи за уште тројцата обвинети на кои денеска им беше последен ден од судењето.

Лустраторите одговараа дека ја злоупотребиле службената положба и поттикнати од пратеникот незаконски го лустрирале кичевскиот судија Драги Билевски, кој почина пред да заврши постапката. Измамата се однесуваше на продажба на државен имот, кој преку лицитација го купил таткото на Милошоски. Според обвинението советниците во Општина Македонски брод биле доведени во заблуда и оттуѓиле објект кој го користела Општина Пласница.

„Моќник“ беше отворен во поранешното СЈО, но беше и прва нивна истрага која беше преземена од страна на редовните обвинителства, а за која беше поднесен обвинителен акт.