Според анализите на најновата анкета на Националниот демократски институт (НДИ), 56 отсто од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, наспроти 11,1 отсто кои велат дека се движи во правилна.
Анкетата покажува дека 31,3 отсто од испитаниците се неутрални и велат дека не се движи ниту во правилна, ниту во погрена насока, а само мал процент од 1,6 отсто велат дека не знаат.
Најглавна причина за оние што веруваат дека земјата се движи во погрешна насока е корупцијата и криминалот со 18 проценти, потоа високите цени и инфлацијата со 15,3, лошите политики и работа на владата со 14,2, потоа е сиромаштијата и нискиот животен стандард со 7,8 отсто, а многу помалку односно 3 отсто како причина ги наведуваат преговорите со ЕУ и проблемите со Бугарија.
Интеграцијата во ЕУ и отвореното прашање со Бугарија е најважен проблем со кој се соочува државата за само 6,7 отсто од граѓаните и е на петто место според анкетата, на која доминираат економските проблеми.
Доколку утре се одржат парламентарни избори 21,5 отсто од анкетираните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 за СДСМ, 6,2 за ДУИ. 3,6 за БЕСА, 3,4 за Алијанса за Албанците.
За Левица би гласале 2,9, за движењето на Максим Димитриевски 1,7 отсто.
Висок процент, 16,7 нема да гласаат, а уште повисок процент од испитаниците -18,3 рекле дека се уште не знаат или не одлучиле за кого ќе гласаат
Анкетата од тим иниститутот финансирана од НДИ е спроведена теренски на примерок од 1.003 испитаници во периодот од 13 до 24 април годинава.