Претседателот Пендаровски на средба со претставници на ЗНМ и на меѓународни новинарски и медиумски организации

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Здружението на новинари на Македонија, како и претставници на неколку меѓународни новинарски и медиумски организации.

На средбата се разговараше за прашања поврзани со слободата на изразување и независноста на медиумите во нашата земја.

Претставниците на новинарските и медиумски организации го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа на полето на безбедноста на новинарите. Посочија дека очекуваат, преку средбите коишто деновиве ги одржаа со новинарските здруженија и со надлежните тела и институции подобро да ја осознаат состојбата со медиумите во земјава и дека ќе зајакне нивната меѓусебна соработка.

Претседателот Пендаровски ја нагласи улогата на медиумите во градењето на слободно и демократско општество и изрази задоволство за интересот за посета на нашата земја од меѓународните новинарски и медиумски организации кои можат да им помогнат на претставниците на медиумите во нашата земја во остварувањето на нивните права.