Али Ахмети: Да се обединиме, Албанци, Македонци и други, за Европа

Сега сме во „претсобјето” на Европската Унија и затоа сакаме да отвориме нова сцена, про-ЕУ фронт што ќе го забрза нашето членство во ЕУ, истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на вечерашните средби со граѓани и партиски активисти во Тетово и Тетовско.

„Овој фронт е помош што го забрзува нашиот пат кон ЕУ, кој мобилизира кон уставни измени. Овој фронт мора да работи и за нашите македонски сограѓани. Македонските публицисти и интелектуалци пишуваат и пишуваат дека сум ја предал македонската кауза. Тоа никогаш нема да се случи, бидејќи јас сум бил, сум и секогаш ќе бидам ангажиран во одбрана на каузата на нашите сограѓани, нивниот идентитет, јазик и култура“, рече Ахмети се наведува во партиското соопштение за средбите.

Лидерот на ДУИ, кој и овој пат бил придружуван од најблиските соработници, во прв ред од првиот вицепремиер Артан Груби и претседателот на Собранието, Талат Џафери, рекол дека бугарското и црногороското малцинство не претставуваат никаква опасност ако се застапени во Уставот, правејќи паралела со Охридскиот договор и со албанскиот јазик.

„Ништо лошо не се случи ниту со Охридскиот договор или албанскиот јазик, напротив. Албанците станаа полојални на својата држава. Албанците денеска се чувствуваат како и во своја држава“, рече Ахмети.

Собранискиот спикер Џафери истакнал дека ДУИ е изградена на силни темели и столбови, посочувајќи ја притоа како пример и поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, во контекст на авангардниот пристап на партијата кон родовите политики и родовата застапеност во институциите.

„Почитуван командант, влеговме во третата деценија од постоењето на ДУИ и се сеќавам на 3 октомври 2002 година, кога ние пратениците на ДУИ бевме во пратеничкиот состав. Кој ја имаше првата заменичка во нашиот состав, г-ѓа Теута Арифи, поранешна градоначалничка на Општина Тетово? Случајот го спомнав затоа што тогаш меѓу колегите пратеници се зборуваше за тоа како Албанците успеале да имаат пратеничка и прва претседателка на Комисијата за надворешна политика која денес Бујар Османи ја наследува како министер за надворешни работи“, рече Џафери.

На вечерашните средби во Тетовско, говорник бил и министерот за финансии од редовите на ДУИ, Фатмир Бесими, кој посочил дека партијата ја карактеризираат три аспекти – визија, одлучност и трансформација,

„Секое утро сите го слушаме претседателот како ја кажува истата порака: Одговорност, искреност и посветеност на работните места што ги преземавте“, рече Бесими.

Минатата недела ДУИ одржа повеќе средби со партиски членови и симпатизери во Гостивар и Гостиварско.

Од трибините, лидерот на интегративците повикува на формирање на фронт или алијанса меѓу партиите од македонскиот и албанскиот блок за побрз напредок на земјава во евроинтегративниот процес, со главен акцент на уставните измени, како главен услов за тоа.

Исто така, ваквите трибини лидерот на ДУИ заедно со неговите соработници ги започна откако претходно средби со партиски членови почна да одржува т.н. „огнена група“ чии претставници, како што велат самите, се незадволни од одредени процеси во партијата и бараат смена на дел од државните функционери од редовите на партијата, пред се, на првиот вицепремиер Артан Груби.