
Претставници на Агенцијата за филм беа во работна посета на студиото за анимација „Тун Моушн студиос“ за време на процесот на анимирање на филмот „Лефти и Рајти си најдоа дом“.
Како што се наведува во соопштението на продукцијата „Занимација“, директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски, за време на посетата истакнал дека институцијата покажува особен интерес кон овој проект и има за цел да ја покаже континуираната поддршка на Агенцијата за филм во создавањето на содржини наменети за деца.

– Ретко има детски анимирани филмови и анимирани филмови воопшто, затоа како Агенција за филм покажуваме особен интерес кон овој проект кој за цел има да ја привлече најмладата публика и да ја насочи кон следење на оригинални содржини во македонска продукција – вели директорот на Агенција за филм.
Од „Занимација“ информираат дека ликовите и позадините го имаат добиено својот финален изглед и дека секој лик е подготвен да оживее.
– Ликовите и позадините го добија својот финален изглед, а актерите веќе им ги позајмија своите гласови. Готов е и аниматикот, односно визуелната мапа што ги поставува кадрите, движењата и ритамот на целата приказна. Секој лик е целосно ригуван и подготвен да оживее, а во моментов сцените од „Лефти и Рајти“ веќе се претвораат во вистинска анимација – стои во соопштението.
„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е во режија на Илија Тодоровски, во продукција на „Занимација продукција“, а во копродукција на „Minya Film i Animacija“ од Хрватска. Приказната и ликовите се според сликовниците „Лефти и Рајти“ на Наташа Дукоска, која е и сценарист. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм и од Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC).