Абази се сликал со Бејта заради мајка му, тие биле од ист град

Обвинител за гонење на организиран криминал и корупција – Ислам Абази денеска дообјасни дека со екс градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта од ДУИ случајно се сретнал на планински врв, па направиле заедничка фотографија.

Абази продолжи со објаснувањата околу неговите познанства со врвот на владејачката ДУИ.

„Јас во период на викенди и одмори излегувам и планинарам. Хоби ми се ловот и планинарењето. Во тие делови се среќавам со луѓе и се поздравувам. Искачувањето на еден врв е радосен момент, и се практикуваат слики од формално-правен аспект. Со Бејта таму сме се нашле случајно. Мојата мајка потекнува од Гостивар и се знае со господинот Бејта. Тие имаат познанство. Така што, се сретнавме на врвот, и ништо повеќе од тоа“ – кажа денеска новиот шеф на ОЈО за организиран криминал за фотографијата со Бејта.

За фотографија со братот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Абази рече дека таа фотографија е свадбарска.

„По однос на другите фотографии, јас и моите родители потекнуваме од Зајас. Тоа е село како што знаете и се случува јас и моите родители да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. На таа фотографија со братот на Ахмети, сме повикани на свадба. Сме се сретнале таму, и тоа е. На тие свадби ние никогаш не сме зборувале ни за предмети, ниту пак за политика“ – кажа тој.