Државната матура оваа година е спроведена во најдобар ред, со значително намален број на случаи на препишување, – изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска оцени дека организацијата на полагањето била на високо ниво, при што повеќето од учениците испитите ги полагале совесно и без злоупотреби.
– Можеме да се пофалиме дека оваа година државната матура помина во најдобар ред и мир, организирана така како што треба, во најголем дел во големи простори, каде што учениците немаа можност да прибегнат кон нелегални дејства – рече Јаневска.
Таа посочи дека бројот на ученици што биле отстранети од испитите поради препишување е значително намален во споредба со претходните години.
– Од двата испитни термина отстранети се шеесетина ученици, што покажува дека има одличен напредок во спроведувањето на матурата – нагласи министерката.
Според неа, станува збор за ученици што биле фатени при препишување и веднаш биле исклучени од полагањето.
Јаневска информира дека овие ученици ќе имаат можност повторно да полагаат во следниот испитен рок во август.
Министерката истакна и дека годинава е воведен нов пристап во полагањето, со два типа на матура во зависност од наставните планови и програми, со што, како што рече, е исправена досегашната нерамноправност меѓу учениците.