
Штрајкови во Грција по вооружените напади врз државни службеници во Атина
Вработените во фондот за социјално осигурување ЕФКА и судските службеници низ цела Грција денес штрајкуваа и прекинаа со работата по серијата вооружени напади во Атина, во кои беа повредени неколку лица.
Вработените во фондот за социјално осигурување ЕФКА и судските службеници низ цела Грција денес штрајкуваа и прекинаа со работата по серијата вооружени напади во Атина, во кои беа повредени неколку лица.
Федерацијата на судски службеници (ОДЈЕ) организираше двочасовен прекин на работата од 9 до 11 часот наутро, додека одржуваше собири, посочувајќи на недостатокот на безбедносни мерки во судовите, објави ЕРТ.
Како причина се наведуваат низа инциденти, вклучувајќи напад врз зградата на Апелациониот административен суд, како и пукање во кое 89-годишен маж рани вработен во канцелариите на ЕФКА во Керамикос, а потоа застрела четири судски службенички, кои беа згрижени и надвор од опасност.
Вработените во ЕФКА, исто така, започнаа 24-часовен штрајк на покана на синдикалните организации, барајќи подобри услови за работа, пополнување на работните места и зајакнување на безбедноста.
Во соопштението се наведува дека нападите се резултат на долгорочен притисок врз јавните службеници и незадоволство на граѓаните од условите во јавниот сектор.
Синдикалните организации бараат вработување на постојан персонал, зголемување на платите и инвестиции во јавните услуги, како и укинување на флексибилните форми на работа.
Тие исто така бараат итни мерки за заштита на работните места и прекин на приватизацијата на јавните услуги.
Координативниот комитет на адвокатските комори на Грција ги осуди нападите и побара итна истрага и подобрување на безбедноста во судските институции, со оценка дека постојните мерки не обезбедуваат соодветна заштита за вработените.
Маж (89) кој вчера рани пет лица во нападите врз зградата на ЕФКА и Апелациониот суд во Атина е уапсен во Патра, по неколкучасовна полициска потрага, објави грчката полиција.
Според извештаите, се сомнева дека планирал да замине во странство, откако претходно престојувал во Италија, а потоа имал намера да патува во Франција, поточно во Стразбур, поради спор за пензии.
Во претходните денови, осомничениот наводно контактирал со такси службата и најавил дека оди во институциите.
Денот пред нападот, наводно му рекол на таксистот дека утре ќе види што ќе прави.
Грчките медиуми објавуваат дека станува збор за постар маж кој живеел во тешки услови и за него повремено се грижела неговата внука, која ја информирала полицијата за неговиот идентитет.
По нападот, осомничениот оставил и неколку писма адресирани до медиумите.