Тошковски: Нема толеранција за насилство, случајот со бугарската амбасада се процесира итно

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро го осуди вчерашниот инцидент со палењето на возило во сопственост на Амбасадата на Бугарија во Скопје нагласувајќи дека насилството нема да биде дозволено, ниту толерирано.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро го осуди вчерашниот инцидент со палењето возило во сопственост на Амбасадата на Бугарија во Скопје нагласувајќи дека насилството нема да биде дозволено, ниту толерирано.

Во одговор на новинарско прашање на потпишувањето на декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите Тошковски истакна дека ваквите настани се неприфатливи и дека институциите реагирале навремено.

– Осуда за какво било насилство кон кого било во Македонија е логична. Насилство нема да дозволиме и нема да биде толерирано – потенцира министерот.

Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи бргу постапило во насока на расветлување на случајот, при што осомниченото лице било идентификувано и лишено од слобода.

– Лицето што се сомничи за палењето на возилото е многу бргу идентификувано и обезбедено од страна на МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност – информира Тошковски.

Според него, случајот се процесира во координација со надлежните институции, а од Обвинителството се очекува понатамошно постапување по итна постапка.

– Очекуваме во текот на денот да има соопштение од страна на Обвинителството и од судот во однос на понатамошните чекори – рече министерот.

Тошковски повтори дека институциите имаат јасен став за ваквите појави, особено кога станува збор за оштетување имот на странски дипломатски претставништва.

– Огромна осуда лично од моја страна и од страна на сите оние, ќе повторам, политички фактори во државата на какво било насилство, особено насилство насочено кон оштетување предмети што се во сопственост на соседна држава, особено таков тип на насилство, треба да биде предмет на осуда и е предмет на осуда – потенцира тој.

Во однос на мотивите за инцидентот, министерот посочи дека во овој момент не може да сподели повеќе информации, но додаде дека постапката е во тек и се води во согласност со законските процедури.