
Судот го повика премиерот Мицкоски да го сослуша за тужбата за клевета и навреда што ја поднесе Ленче Ристоска против ВМРО-ДПМНЕ
Судот ќе му испрати покана на премиерот Христијан Мицкоски за на 9 октомври да биде сослушан како странка во постапката за тужбата што ја поднесе сега веќе поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска за клевета и навреда против владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, за соопштението во кое Ристоска беше наречена „испостава на СДС и ДУИ“, „човек без отсуство на срам“, пренесе СП.
Судот ќе му испрати покана на премиерот Христијан Мицкоски за на 9 октомври да биде сослушан како странка во постапката за тужбата што ја поднесе сега веќе поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска за клевета и навреда против владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, за соопштението во кое Ристоска беше наречена „испостава на СДС и ДУИ“, „човек без отсуство на срам“, пренесе СП.
Судијката на денешното подготвително рочиште во Граѓанскиот суд во Скопје го прифати барањето на полномошникот на Ристоска, Лазе Сандев премиерот да биде сослушан, бидејќи тој моментално е законски застапник на партијата.
Полномошникот на партијата Ружица Николовска смета дека е нецелеисходно изведувањето на овој доказ, но сепак одлуката ја остави на Судот. Судијката Љубица Колиќ донесе одлука да му биде пратена покана на Мицкоски на адреса на седиштето на партијaта.
Во одговорот на тужбата, партијата се брани дека со соопштението се отвора дебата за сериозно јавно прашање, односно „бонусите на поранешното Специјално јавно обвинителство“ , односно работењето и успешноста на СЈО, од кое јавноста очекувала позитивни резултати.
– Не се согласувам со наводите на тужителот дека станува збор за индивидуализација, иако неспорно е дека во еден дел од соопштението е наведено името Ленче, а не презимето. Со таквиот дел на соопштението се алудира на самата институција која тужителката ја претставува. Не е насочено лично кон нејзе со име и презиме. Во јавноста токму тужителката која постапуваше во случајот во кој е обвинета партијата, секогаш излегуваше со соопштение, јавни наводи, критики, повикувања, како кон субјектот така и кон неговите претставници. Ако се има предвид ваквата тужба и својството на тужителката во моментот на поднесување на тужбата претставува редок прв случај на отворен конфликт меѓу обвинител и странка, што несомнено отвора прашања за професионална непристрасност – рече Николовска, иако името и презимето на обвинителката се во првите редови на соопштението.
Сандев пред Судот пак рече дека не може да стане збор за јавен интерес за покренување на прашањето за бонусите на СЈО, бидејќи соопштението не е насочено на институцијата и работата на поранешното Обвинителство, туку е индивидуализирано кон Ристоска.
– Судот треба да го земе предвид ограничувањето на заштитата и непристрасноста на судството. Неспорно е дека тужениот е политичка партија која ужива висок степен на политички говор, но таа симетрија не може да се искористи затоа што нападот не е кон политички изразена личност која води политика битка туку нејзиното дејствување е во насока на заштита на имотот на државата и поради тоа, маргината на критика кон неа ужива многу поголема заштита. Она што треба да се заклучи е дека во делот на клевета постојат недокажани фактички тврдења дека таа користела службена картица во служба на Заев и Груби, дека лично таа направила партиска испостава на СДС и ДУИ. Ваквите тврдења не може да се поведат во вредносни судови туку на факти. Факти кои ниту се презентирани во јавноста, ниту во оваа постапка има докази во тој поглед – рече Сандев.
Ристоска бара надомест на нематеријална штета од 300 илјади денари, 150 илјади денари за навреда и уште толку за клевета.
Тој порача дека содржината на соопштението содржи понижувачка форма на изразување, изнесување на невистини и непроверени информации и дека единствена намера е да ја ослабне тогашната позиција на обвинителката која ги водеше предметите „Талир1“ и „Талир 2“, во кои е обвинета токму оваа партија, а имотот на партијата е замрзнат.
Ова соопштение беше објавено во февруари минатата година, кога Ристоска ги водеше предметите против партијата.
– Каков крај! Отсуството на срам е одлика на вакви луѓе. Ленче Ристоска, поранешната „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, последна има право да зборува за плати, правда и морал. Ако некој знае што значи „повисока плата“, тоа се токму тие што си делеа бонуси, награди и привилегии додека обвинителството им се распаѓаше под тежината на сопствените злоупотреби. Јавноста добро се сеќава на времињата кога Ристоска и нејзините колеги користеа службени картички, патувања и дневници со ентузијазам обратно пропорционален од оној со кој работеа предмети. Од обвинителство кое требаше да биде симбол на борба против криминалот, направија партиска испостава на СДС и ДУИ што соработуваше со луѓе од другата страна на законот. И сега, истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството, како и на времињата во кои со судбината на народот царуваа Заев и Груби, собра храброст да зборува – замислете – „клеветнички кампањи“ и „анимозитет“ – пишуваше во соопштението.
Ристоска си поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, откако обвинителот Ненад Савески, откако беше именуван донесе одлука да ѝ ги одземе предметите „Талир“. Савески образложи дека сите предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство, но и од други обвинителства, во кои постапуваат обвинители што не се во надлежните обвинителства, ќе бидат распределени на обвинители од обвинителствата што се надлежни за тие предмети.
Токму додека ги водеше овие предмети, Ристоска беше цел на напади и од владејачката партија, но и од премиерот кој без да ја спомене рече дека е „медиокритет“ и дел од „клиентелистичко-политичка матрица“. За ова Ристоска побара заштита од Советот на јавни обвинители, но членовите не видоа доказ дека премиерот вршел притисок врз Ристоска.
Мицкоски и на последниот брифинг со новинарите се пожали дека имотот на ВМРО-ДПМНЕ е сè уште замрзнат.
– Еве, нам, на ВМРО-ДПМНЕ, уште ни е замрзнат имотот и тоа во процес во кој во ниту еден момент дотогаш не ни беше предочено дека има криминал. Ќе гласате за името, ако не гласате, ќе ви го замрзнеме имотот. Осум години ни е замрзнат имотот – рече Мицкоски.
Предметите се во судска постапка, а еден од нив застарува летово во август.