Ристоска: Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека „Талир 2″ ќе останел во моја надлежност

Откако денеска републичкиот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека доколку обвинителката Ленче Ристоска не избрзала со поднесувањето на оставката, таа и понатаму ќе била надлежна за случајот „Талир 2“, обвинителката Ристоска се јави со реакција.

Откако денеска републичкиот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека доколку обвинителката Ленче Ристоска не избрзала со поднесувањето на оставката, таа и понатаму ќе била надлежна за случајот „Талир 2“, обвинителката Ристоска се јави со реакција.

-Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2″ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка.
Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно сум постапувала.

Предметот „Талир 2″ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски — во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет.

Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука.
Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука — но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите, вели обвинителката Ристоска.

Републичкиот јавен обвинител денеска ги отфрли критиките дека придонел на некој начин за ослободителната пресуда за Никола Груевски во случајот „Талир 2“ и одбивањето на барањето да се конфискува зградата на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Фокус