
Општина Центар поставува 20 контејнери за селекција на текстилен отпад
Општина Центар почна со поставување 20 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад на локации пред основните училишта и детските градинки, во соработка со лиценцираната компанија „Еко-текс груп“. Како што стои во соопштението на Општина Центар, во првата фаза ќе бидат поставени 11 контејнери, а во втората уште девет, со што ќе бидат опфатени вкупно 20 локации во општината
Општина Центар почна со поставување 20 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад на локации пред основните училишта и детските градинки, во соработка со лиценцираната компанија „Еко-текс груп“.
Како што стои во соопштението на Општина Центар, во првата фаза ќе бидат поставени 11 контејнери, а во втората уште девет, со што ќе бидат опфатени вкупно 20 локации во општината. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека целта на иницијативата е подигнување на еколошката свест и поттикнување на одговорно однесување кон животната средина.
– Првиот контејнер за текстилен отпад го поставивме пред ООУ „Коле Неделковски“. Преку ваквите иницијативи ги учиме децата, но и возрасните, да се однесуваат општествено и еколошки одговорно. Со едукација за собирање, рециклирање и повторна употреба заедно придонесуваме за почиста и поздрава средина – рече Герасимовски.
Граѓаните во контејнерите ќе можат одделно да оставаат стара облека, обувки и други текстилни производи, кои наместо да завршат во комуналниот отпад, ќе бидат селектирани, сортирани и упатени на натамошен третман и рециклирање.
Од Општина Центар посочуваат дека активностите се спроведуваат во согласност со принципите за заштита на животната средина, важечките законски прописи и меѓународните стандарди.