Каква врска има ребалансот на Буџетот со коридорите 8 и 10-д кога тие се дел од ЈПДП, праша Битиќи

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска во расправата во Собранието за дополнетиот Предлог- ребаланс на Буџетот за оваа година праша каква врска имаат коридорите 8 и 10-д со Буџетот, кога тие се извадени од овој документ и нивното финансирање се одвива преку Јавното претпријатие за државни патишта. Тој реагираше на дел од излагањето на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која меѓу другото ги посочи и овие проекти како дел од капиталните инвестиции.

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска во расправата во Собранието за дополнетиот Предлог- ребаланс на Буџетот за оваа година праша каква врска имаат коридорите 8 и 10-д со Буџетот, кога тие се извадени од овој документ и нивното финансирање се одвива преку Јавното претпријатие за државни патишта. Тој реагираше на дел од излагањето на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која меѓу другото ги посочи и овие проекти како дел од капиталните инвестиции.

Битиќи владиниот предлог го нарече „школска манипулација со бројки“, додавајќи дека во декември лани владата предложи буџет со приходи од 374,9 милијарди денари и со расходи од над 414 милијарди денари и буџетски дефицит од 39, 2 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП. Во јули годинава, со првиот ребаланс, оваа влада побара зголемување на расходите на над 425 милијарди денари и зголемување на дефицитот на над 46 милијарди денари односно 4,1 отсто од БДП, што беше образложено со зголемување на капиталните расходи.

„Сега добивме нови бројки – приходите се намалуваат за 5,2 милијарди денари, исто толку и расходите, но дефицитот останува непромент“, рече Битиќи, посочувајќи дека за девет месеци има три различни буџетски конструкции и едно исто раководство.

Според него тука не застанале манипулациите бидејќи со дополнетиот предлог, буџетскиот дефицит сега е на ниво од 3,9 отсто од БДП „Како иста бројка, а процентот различен“, праша тој.

Тоа, како што образложи е можно со вештачкото ревидирање на растот за 2024 година од 3 на 3,8 отсто, и во 2025 година од 3,8 на 3,9 отсто. Слични маниупалции има и со јавниот долг кој за две недели се намалил статистички за два процентни поени.

Ваквиот начин на планирање скапо ќе го чини секој еден граѓанин, рече Битиќи при што посочи дека во јули 2024 година еден граѓанин во нашата држава по основ на јавниот долг должел 4.674 евра.

„Денеска, со денешен датум, кога нема да ги ставиме доспеаните и неподмирени обврски, долгот по основ поврат на ДДВ, затоа што Европската комисија кажа дека само 14 отсто од ДДВ се враќа на време, секој граѓанин должи 6 илјади евра. Успеавте во неполни две ипол години јавниот долг за секој еден граѓанин во нашата земја да го зголемите за 1.400 евра, а истовремено цените да ги зголемите за 22 отсто.“, рече Битиќи.

Во воведното излагање министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека ребалансот е навремена реакција на новите економски околности и ја зачувува стабилноста на јавните финансии.

„Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година е навремена реакција на новите економски околности, последиците од глобалната неизвесност и ефектите врз домашната економија. Одговорноста на Владата е навремено да реагира, да ги приспособи економските политики на новите реалности, но притоа да ја зачува стабилноста на јавните финансии и да обезбеди непречено функционирање на државата“, истакна Димитриеска-Кочоска, потенцирајќи дека измените и дополнувањата на Буџетот се во насока на обезбедување стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.

Со ребалансот, како што потенцира министерката, се прави неопходно приспособување на приходите и расходите, при што се земени предвид реалните економски текови и потребата од рационално, ефикасно и одговорно управување со јавните средства.

„Тоа значи поголема буџетска дисциплина, внимателно планирање на расходите и максимална оптимизација на приходите, без да се доведе во прашање редовното исполнување на обврските на државата. Она што е најважно за јавноста и граѓаните е дека Дополнетиот ребаланс не произлезе поради проблеми со ликвидност во Буџетот, туку е последица на преземените мерки од страна на Владата за намалување на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот. Мерки кои имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот, но најзначајно е дека со таквите мерки го поддржавме стандардот на граѓаните и ја помогнавме економијата, односно го спречивме прелевањето на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги“, наведе министерката.

Таа порача дека до крајот на годината државната каса е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат.

Со Дополнетиот Ребаланс на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за околу 5,3 милијарди денари на проекциите за 2026 година. Истовремено на исто ниво е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа нивото на дефицитот во Буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.

Со ребалансот обезбедени се дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита.

За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедени дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Исто така дополнителни 600 милиони денари и за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.

„Зад овие бројки и ставки стојат нашите граѓани и тие за нас се приоритет, затоа во креирањето на измените опфативме ставки кај кои имаше одложување на реализацијата и користењето на средствата. Оттука направена е корекција кај капиталните расходи, но притоа е задржана развојната компонента и определбата на државата за понатамошна поддршка на економската активност преку јавни инвестиции“, рече министерката за финансии и додаде дека се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.

Со Ребалансот продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво, како дел од политиката за рамномерен регионален развој, рече Димитриеска Кочоска.