
Муцунски за случајот „Ива Михаилова“: Непристојно е земја членка на ЕУ да станува прибежиште за осудени лица
Навистина е непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за оние што или се осудени за сторени кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, ќе бидам тука внимателен затоа што на линија на она што го кажа и претседателот на Владата, Мицкоски, пред неколку дена - немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори, кои се во тек во оваа држава - изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во одговор на заедничката прес-конференција со словачкиот министер Јурај Бланар.
Навистина е непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за оние што или се осудени за сторени кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, ќе бидам тука внимателен затоа што на линија на она што го кажа и претседателот на Владата, Мицкоски, пред неколку дена – немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори, кои се во тек во таа држава – изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со словачкиот министер Јурај Бланар.
Муцунски рече дека и на средбата со Бланар било истакнато нашето очекување како земја кандидат за членство, дека и земјите членки на Европската Унија треба да ги почитуваат највисоките стандарди поврзани со владеењето на правдата.
Тој повтори дека билатералниот дијалог со Бугарија за евроинтеграциите ќе продолжи, кој вклучува и наша активна комуникација со претставници на земјите членки на ЕУ.
– Дијалог има и тој ќе продолжи. Пред неколку дена во Црна Гора се сретнав со францускиот министер за европски прашања, каде што, меѓу другото, дискутиравме и за оваа тема. Денес, тука е колегата Јурај и ова беше една тема за која активно разговаравме бидејќи, нели, за сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција е потребен консензус, што значи какво било решение за кое работиме со Бугарија да го постигнеме, кое хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да има консензус од сите земји членки. Така што, дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции во врска со ова прашање има и дијалог со сите земји членки на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме на тоа прашање бидејќи ние во однос на европскиот пат немаме никаква алтернатива – рече Муцунски.
Тој посочи дека во моментот нема планирано средба со бугарската колешка Велислава Петрова, но рече дека во декември ќе има повеќе формати, како што ќе биде средбата на министрите за надворешни работи на НАТО, каде што ќе бидат заедно присутни.
– Очекуваме ние да бидеме домаќин на форматот министри за надворешни работи за соработка на земјите од Југоисточна Европа со Украина, исто така во декември, така што верувам дека ќе има можност да се сретнам со мојата колешка од Бугарија и отворено да разговараме и за европскиот пат, но отворено и да дискутираме за одредени прашања што како сосед нè засегаат и не само како земја кандидатка, но и како земја рамноправна членка во НАТО, за состојби што нè загрижуваат во однесувањето од таму, но денес тука ќе застанам бидејќи не ми е целта мојата изјава да стане дел од политичка кампања во Бугарија – истакна Муцунски на заедничката прес-конференција со Бланар.