
Муцунски: Ако не спроведувавме реформи, немаше да ги добиеме парите од ЕУ
Спроведувањето на реформите на една Влада не е прашање на субјективна перцепција, туку на мерливи резултати, оценува македонскиот министер за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по критиките во јавноста откако беше објавено интервјуто на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц за бугарската редакција на „Еуроњуз“, во кое тој вели дека последната година Македонија нема никаков напредок
Спроведувањето на реформите на една Влада не е прашање на субјективна перцепција, туку на мерливи резултати, оценува македонскиот министер за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по критиките во јавноста откако беше објавено интервјуто на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц за бугарската редакција на „Еуроњуз“, во кое тој вели дека последната година Македонија нема никаков напредок, пренесува Слободен печат.
„Најдобар судија е времето, а времето ќе покаже кој ќе биде во право“, изјави Муцунски во интервју на ТВ Сител.
Според Муцунски, ако државата не спровела никакви реформи, тогаш нема да добиела средства од фондот од Планот за раст. Тој вели дека во периодот до последниот извештаен период поврзан со реформската агенда, Македонија има добиено 75 милиони евра.
„Ако не сме спроведувале реформи, немало да сме ги добиеле тие средства. Има три држави во регионот – Србија, БиХ и Косово, коишто ништо немаат добиено од планот за раст, бидејќи не спроведувале реформи. Очекувам за последниот извештаен период, кој ќе се објави деновиве или во период од една недела, да имаме многу висока оценка во спроведени реформи и да добиеме во една транша околу 70 милиони евра – тоа е наше очекување, ќе видиме колку ќе се материјализира. И да бидеме земја од западниот Балкан којашто највеќе добила во тој момент преку една транша, бидејќи посветено работиме на реформите“, рече Муцунски.
Вајц во изјава за телевизијата „Канал 5“ вели дека интервјуто од кое негови изјави беа пренесени неделава, дадено за бугарската редакција на „Еуроњуз“, е снимено пред повеќе од седум недели, како и дека не е јасно зошто тоа интервју е објавено дури сега. Тој додава дека оценките кои ги дал во интервјуто во март, тогаш ја одразувале моменталната состојба.
„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Без малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“, вели Вајц, нагласувајќи дека Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни“.