
Либерално-демократската партија вели дека е несфатливо власта да нема ниту трошка грижа на совест. „Денес, кога државните решета пукаат насекаде, министрите во владата мирно седат во фотелјите и глумат изненадени аналитичари. Крајно безобразие што македонските власти се однесуваат како ништо да не се случило, ладнокрвно чекајќи целиот овој мегаскандал да биде само ‘секое чудо за три дена’. Овој чин ги запечатува веќе длабоко вкоренетите перцепции за целосна неспособност и ја дефинира докрај длабоката ерозија на институциите, но уште полошо – директно го минира и онака разнишаното македонско европско досие“.
Според ЛДП премиерот Христијан Мицкоски, кого го нарекува „шеф на раштиманата елита“ е „комплетно нем и нема апсолутно никаков став за оваа институционална катастрофа, иако секојдневно наоѓа време да ја коментира секоја ситница во државата каде сѐ зависи од него. Очекувавме тој самиот да ја покрене темата во Собранието, да преземе одговорност и јавно да соопшти кого сѐ разрешил поради овој пропуст, тој избира срамен молк со надеж дека целата афера ќе ја бутне под тепих и ќе ја прати во заборав. Многу греши! Ваквото неодговорно замижување носи сериозни политички и дипломатски ризици кои директно ја уриваат европската перспектива на државата. Порозноста на границите веќе станува предмет на остри критики, бидејќи Европската комисија во годишните извештаи за напредок внимателно ја следи ефикасноста на граничната контрола и интеграцијата во шенгенските безбедносни стандарди.
Јасно е дека системот е во понапредната фаза на распад. Но, власта мора да знае едно: казната можеби нема да стаса за три дена, но овој удар ќе ги погоди многу посилно отколку што очекуваат кога ќе дојде време за соочување со граѓаните на изборите“, велат од ЛДП.