Меџити: На Села му е подотворена вратата за влез во Владата, комуникацијата е во тек

Градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека постои можност лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да ѝ се приклучи на Владата и додаде дека комуникацијата за ова прашање се одвива на повеќе нивоа.

Градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека постои можност лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да ѝ се приклучи на Владата и додаде дека комуникацијата за ова прашање се одвива на повеќе нивоа.

Во гостување во емисија на ТВ 24, Меџити рече дека вратата за Села е подотворена и дека се испитува можноста за негово евентуално вклучување во владиното мнозинство.

„Постои опција Зијадин Села да ѝ се приклучи на Владата. Вратата му е подотворена, комуницираме на различни нивоа“, кажа тој.

Најави дека во рамки на претстојната реконструкција на Владата се очекуваат промени во ресорите, но и кадровски ротации.

Во однос на можните кадровски решенија, Меџити рече дека коалицијата ВЛЕН нема против заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи да остане дел од владините структури.

За министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, пак, беше повоздржан, иако претходно лидерот на Беса и иден копретседател на ВЛЕН, Билал Касами, најави дека Лимани нема да биде дел од ВЛЕН ниту, пак, ќе добие поддршка за да остане на министерска позиција.

Меџити посочи и дека во рамки на владината реконструкција ќе има и лица кои нема да бидат дел од новиот владин состав.

„Ќе има личности кои ќе бидат на ‘црна листа‘ за учество во Владата, но засега е рано да се изнесуваат детали бидејќи сè уште немаме разговарано со премиерот’, вели Меџити.