МАЕИ со официјално барање до Парламентот на Албанија: Да се зачува општина Пустец и да се преименува во општина Преспа

Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), поднесе официјално барање до Специјалната парламентарна комисија за административно-територијална реформа при Собранието на Република Албанија.

Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), поднесе официјално барање до Специјалната парламентарна комисија за административно-територијална реформа при Собранието на Република Албанија.

Со овој документ, потпишан од претседателот на партијата Васил Стерјовски, како што самиот вели,  јасно се дефинираат црвените линии и клучните барања на македонското национално малцинство во пресрет на најавените територијални измени.

МАЕИ децидно бара општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата реформа да не претрпи никакви територијални измени, односно да не се спојува со други административни единици.

-Ова барање партијата го темели на Уставот на Албанија, меѓународните обврски (Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за локална самоуправа), како и на членот 16 од албанскиот Закон за заштита на националните малцинства донесен 2017 година, стои во барањето.

Се посочува дека во споменатиот закон стои дека е “Забрането  преземање мерки кои го менуваат составот на населението во единиците на локалната самоуправа каде што живеат лица кои припаѓаат на националните малцинства, со цел ограничување на правата и слободите предвидени со овој закон.”

Општина Пустец е единствената локална единица во Албанија каде што македонското малцинство го сочинува повеќето од населението, поради што нејзиното зачувување е од клучно значење за опстанокот и заштитата на идентитетот.

Второто клучно барање на МАЕИ е општина Пустец да се преименува во Општина Преспа.

Овој предлог, стои во дописот, се заснова на фактот дека Пустец е само едно од деветте села во општината, додека името „Преспа“ поцелосно го претставува историскиот, географскиот, културниот и природниот идентитет на целата област.

Се додава дека терминот „Преспа“ традиционално се користи од локалното население, ужива меѓународно признание, а воедно целиот административен дел се поклопува со Националниот парк „Преспа“ и се нагласува дека преименувањето дополнително би помогнало во промоцијата на регионот како туристичка и еколошка зона со посебни вредности.

„Земајќи го предвид значењето на зачувувањето на идентитетот, претставувањето и правата на македонското национално малцинство во Албанија, бараме овие препораки сериозно да бидат земени предвид при изработката на предлозите за административно-територијалната реформа“, се наведува во официјалниот допис потпишан од Васил Стерјовски лидер на МАЕИ.