
ЛДП бара Мицкоски да го дисциплинира министерот за правда
Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на вчерашната прес-конференција на министерот за правда, на која, наместо да се информира јавноста за реформите и законските решенија, беше злоупотребена говорницата на Министерството за правда за политичка пресметка со опозициона партија, само затоа што не присуствувала на состанок на работната група за Изборниот законик.
Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на вчерашната прес-конференција на министерот за правда, на која, наместо да се информира јавноста за реформите и законските решенија, беше злоупотребена говорницата на Министерството за правда за политичка пресметка со опозициона партија, само затоа што не присуствувала на состанок на работната група за Изборниот законик.
Дејанчо Цветановски, член на ИО на ЛДП ги следеше изјавите на министерот, кои повеќе наликуваа на партиска прес-конференција, отколку на настап на министер кој треба да работи во интерес на сите граѓани, велат од партијата.
„Со неверување го следев тоа што го кажуваше министерот, затоа што тоа беше негов личен или партиски став, а никако не заеднички договорен текст од името на Работната група. Одлучив дека е подобро да не се прави дополнителен скандал со прекинување на министерот во тој момент, но јасно сакам да порачам дека ова е последен пат ЛДП да биде сведок на настан каде државната функција, платена со пари од сите граѓани, се користи за партиски пресметки“, изјави Цветановски.
ЛДП бара „премиерот итно да му укаже на министерот за правда и да го дисциплинира за ваквото недолично однесување. Ваквиот настап ниту гради меѓусебна доверба, ниту придонесува за правото – напротив, директно го руши интегритетот на државната функција и на институцијата. На следен ваков испад на министерот, претставникот на ЛДП нема да биде молчелив „декор“, туку соодветно ќе одговори на секој обид за рушење на достоинството на државната функција и на духот на соработка кој го бараат граѓаните“.
Од партијата бараат „премиерот сериозно да ја преиспита довербата кон министерот за правда заради сериозното доцнење на реформската агенда. На граѓаните и на бизнис секторот им е „преку глава“ од изговорите дека „ќе биде“, „само што не било“, или барањата за „уште еден грејс период“. Додека министерот се занимава со партиски соопштенија, државата ризикува да изгуби милиони евра од ЕУ фондовите. Одговорноста за ова доцнење не е кај опозицијата, ниту кај граѓаните, туку кај менаџментот на министерството“.
„Министерството за правда не смее да биде партиски штаб. За враќање на длабоко разрушената доверба кај граѓаните во правниот систем е потребен заеднички напор и инклузивност. Ниту една партија сама нема да ја врати загубената доверба, а уште помалку тоа ќе се постигне со несоодветно и неефикасно постапување“ е ставот на опозициската партија.