Ковачев: Македонија се самоблокира и сериозно заостанува барајќи „креативни“ решенија

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев упати остри критики кон Македонија за време на дебатата во Стразбур посветена на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан кон членство во Европската Унија.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев упати остри критики кон Македонија за време на дебатата во Стразбур посветена на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан кон членство во Европската Унија.

Тој оцени дека Македонија „сама се блокира“ во евроинтегративниот процес, обвинувајќи ги властите дека бараат „креативни решенија“ за да избегнат исполнување на преземените обврски.

„Многу ми е жал што Северна Македонија сериозно заостанува и самата се блокира, наместо да ги спроведе договорените обврски. Неприфатливо е одговорноста за недостатокот на напредок да се префрла врз Бугарија“, изјави Ковачев.

Според него, ваквата политика придонесува за ширење на говор на омраза, нетолеранција и дискриминација кон Бугарите, што, како што нагласи, не е во согласност со европските вредности. Тој се осврна и на неодамнешниот инцидент со опожарено возило на бугарската амбасада во Скопје, оценувајќи дека станува збор за последица на реторика што ја поттикнува омразата.

Во своето обраќање, Ковачев го поздрави напредокот на Албанија и Црна Гора во пристапните преговори со ЕУ, оценувајќи дека двете земји покажале дека реформите носат резултати.

На крајот, тој му се обрати и на известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, изразувајќи несогласување со неговите обиди за ублажување на дел од барањата што се однесуваат на Македонија.

„Сите сакаме да ја поддржиме Северна Македонија, но охрабрувањето да не ги исполнува своите обврски не е во нејзин интерес“, порача Ковачев.