
Израел ќе им дозволи на мултинационалните безбедносни сили да влезат во Појасот Газа, како што е предложено во планот за прекин на огнот на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави синоќа неименуван израелски функционер.
Тој додаде дека мисијата, наречена Меѓународни сили за стабилизација, ќе вклучува 200 членови од „пријателски земји како што се Уганда и Мароко“, кои ќе бидат распоредени во области кои не се под израелска контрола.
Секој контингент ќе треба да добие индивидуално овластување од Израел за да влезе во Појасот Газа. Сè уште не е познато кога ќе бидат распоредени овие сили.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска треба да отпатува за САД, а за утре е предвидена средба со Трамп.
По склучувањето на договор за прекин на огнот во октомври 2025 година, Трамп презентираше мировен план за Појасот Газа, кој вклучуваше зголемена хуманитарна помош, цивилна администрација предводена од палестински технократи, разоружување на Хамас и повлекување на израелските сили. Но, планот е во застој, а групата технократи, позната како Национален комитет за администрација на Газа, остана надвор од палестинската енклава.
Израел контролира околу 64 проценти од Појасот Газа, додека речиси два милионa Палестинци живеат во крајбрежниот појас контролиран од Хамас, кој досега одбива да се разоружа. Израел објави дека ќе ја прошири својата зона на контрола во Појасот Газа на 70 проценти од енклавата, каде што продолжува со своите речиси секојдневни напади.