
Ексминистерот за информатичко општество Дамјан Манчевски влегува во бизнисот со дата-центри
Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, влегува во бизнисот со дата-центри, со планови активностите да се прошират во повеќе земји од регионот и Источна Европа.
Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, влегува во бизнисот со дата-центри, со планови активностите да се прошират во повеќе земји од регионот и Источна Европа.
Манчевски е еден од основачите на компанијата „Орион АИ Фактори“ во Македонија, заедно со „Орион телеком холдингс“ од Амстердам и „Хемиски инженеринг“. Информацијата првично ја објави „Фактор“, а потоа ја пренесоа и други домашни медиуми.
„Орион телеком“ повеќе од две децении работи на српскиот пазар и нуди телекомуникациски услуги, со исклучок на мобилната телефонија. Компанијата има сопствен дата-центар во Белград, а користи и капацитет во државниот дата-центар во Крагуевац.
Манчевски објаснува дека една од целите е развој на бизнисот со дата-центри и проширување на активностите на повеќе пазари.
Според него, фокусот е ставен на регионот и Источна Европа, при што се разгледуваат проекти во пет до шест земји. Македонија, како што посочува, исто така е дел од плановите, но во оваа фаза не е примарен пазар.
Партнер во новата компанија е и „Хемиски инженеринг“, фирма поврзана со бизнисменот Горјан Максимовски, која располага со недвижен имот во комплексот на поранешната фабрика ОХИС.
Манчевски вели дека соработката со Максимовски се должи и на инфраструктурата и деловните контакти со кои располага неговиот партнер. Тој потсетува дека и пред влегувањето во политиката се занимавал со приватен бизнис и соработувал со поголеми деловни партнери.
По заминувањето од Владата на Зоран Заев, Манчевски продолжи со работа во приватниот сектор и беше управител на софтверската компанија „Мак-Систем“. Тој е и член на Управниот одбор на МАСИТ.
Поранешниот министер се осврна и на дебатата за влијанието на дата-центрите врз природните ресурси, особено на потрошувачката на вода потребна за ладење.
Според Манчевски, дел од загриженоста во јавноста се темели на технологии што се користеле кај постарите генерации дата-центри. Тој тврди дека современите системи не користат толку големи количества вода за ладење и дека новата серверска опрема може да функционира при значително повисоки температури.
Развојот на дата-центрите во последните години е дополнително поттикнат од брзиот раст на вештачката интелигенција, cloud-услугите и потребата од поголеми капацитети за обработка и складирање податоци. Според Агенцијата за странски инвестиции, европскиот пазар на дата-центри надминува 100 милијарди евра, а Северна Македонија се обидува да се позиционира како потенцијална локација за вакви инвестиции.