
Педесетина вработени на Клиниката за детски болести денеска протестираа пред Министерството за финансии, откако од почетокот на годината не примиле плата.
Тие велат дека добиле негативен одговор од Министерството за финансии за продолжување на нивните договори и порачуваат дека бараат трајно решение за нивниот статус.
„Ако немало намера за продолжување на договорите, тогаш зошто одговорот се одолговлекуваше пет месеци? Од која причина работниците беа оставени да работат до крајот на мај, додека барањата стојат од јануари?
Како е можно над 90 проценти од здравствените институции да добијат позитивен одговор, а за Клиниката за детски болести постојано да се даваат негативни одговори, без аргументи и без јасни објаснувања?“, прашува Флора Гаши.
По ова, вработените биле примени на средба со претставници на Финансии, кои им ветиле дека ќе се ангажираат да утврдат дали проблемот е заглавен во Министерството за финансии или на друго место и дека во рок од една недела ќе им дадат информација.
Станува збор за околу 50 вработени со нерешен статус, кои тврдат дека меѓу нив има и такви кои имаат и осум години непрекинато работно искуство во Клиниката.