Вработени го тужат Врховен суд за неисплатени надоместоци – нотира ДЗР во извештајот за 2024 година

Највисокиот суд во државата работи со половина судии и потребниот капацитет, се соочува со недоволно финансии, а дополнително вработени бараат околу 4,2 милиони денари или околу 70.000 евра врз основа на тужби.

Највисокиот суд во државата работи со половина судии и потребниот капацитет, се соочува со недоволно финансии, а дополнително вработени бараат околу 4,2 милиони денари или околу 70.000 евра врз основа на тужби.

Ова е се дел од главните забелешки што Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги нотира во конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година на Врховниот суд.

Според извештајот на државниот ревизор, во тек се 28 судски постапки што се водат пред надлежни судови и до денот на ревизијата конечниот исход од нив не е познат поради што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховниот суд во иднина.

„Во Врховниот суд на Република Северна Македонија во тек се 28 судски постапки. Судот се јавува како тужена страна врз основа на тужби од вработени по основ на надоместоци и права од работен однос во вкупен износ од 4 280 илјади денари. Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежните судови до денот на ревизијата, конечниот исход од нив не е познат, при што постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на Врховен суд во иднина“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Кога станува збор за судиите, ревизорот посочува дека согласно одлука на Судскиот совет во Врховниот суд се предвидени 28 места, вклучувајќи го и претседателот на судот.

До крајот на 2024 година, како што се наведува, биле пополнети 11 судиски места, кои во мај лани се зголемиле на 14, вклучувајќи го и претседателот на Врховен.

Ревизорот забележува и дека додека судот работи со половина од потребниот број судии, бројот на решени предмети е зголемен.

„Со извршената анализа на бројот на решени предмети ревизијата утврди позитивен тренд на зголемување на бројот на решени предмети во последните години односно во континуитет се намалува бројот на нерешени предмети на крај на годината“, се вели во извештајот.

Ревизија нотира оти е неопходно пополнување на испразнетите судиски места заради зголемување на ефикасноста на највисокиот суд во државата.

„Напоменуваме дека е неопходно пополнување на испразнетите судиски места, кои согласно одлуката на Судски совет се предвидени 28 места, вклучувајќи го и претседателот на судот, а пополнети на крај на 2024 година се 11 судиски места. Ревизијата истакнува дека во месец мај 2025 година зголемен е бројот на судии на 14, вклучувајќи го и претседателот на судот“, се наведува во извештајот.

Ревизорот забележува и на други административни недостатоци во Врховниот суд, а кои се однесуваат на оценувањето и судските службеници и на припадниците на судската полиција.