
„Владата веднаш да ги објави анализите – врз кои параметри е одобрена употреба на техничка вода во Гостивар?“, прашува СДСМ
Од партијата реагираат дека одлуката ја соопштил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а не надлежните здравствени институции, оценувајќи дека јавноста сè уште нема увид во резултатите од испитувањата на водата.
СДСМ преку соопштение побара Владата јавно да ги објави анализите врз основа на кои е донесена одлуката водата во Гостивар да може да се користи за технички потреби.
Од партијата реагираат дека одлуката ја соопштил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а не надлежните здравствени институции, оценувајќи дека јавноста сè уште нема увид во резултатите од испитувањата на водата.
Според СДСМ, неопходно е да се објави врз основа на кои микробиолошки и здравствени параметри е утврдено дека водата може да се користи за техничка употреба, како и дали е безбедна за лична хигиена, особено за деца, повозрасни лица и други ранливи категории.
Партијата смета дека одговорите треба да ги дадат Институтот за јавно здравје и другите надлежни здравствени институции, а не Министерството за внатрешни работи.
Од СДСМ бараат Владата да го објави официјалниот документ со анализите на водата, да соопшти кој институт ги изработил, кој ја потпишал одлуката и врз основа на кои наоди е дозволена техничката употреба на водата во Гостивар.