(ВИДЕО) Ѓорѓиевски: Идентитетот е нешто за што не смее да се преговара по ниедна цена

➡Сметаме дека треба да има цврсти гаранции, и јас како претседател на ЗЕЛС, градоначалник на Скопје, но и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, го поддржувам тој став на претседателот Мицкоски. Потребни се гаранции коишто ќе значат непостапување од идентитетските прашања. ➡И да се случат уставните измени ние немаме извесност како ќе заврши таа работа. ➡Одредени функционери не ги имаат исполнето очекувањата од граѓаните, вели Ѓорѓиевски.

„Нашата ориентација отсекогаш е проевропска. Со сите потези и на претседателот Мицкоски, на сите владини функционери, вклучувајќи го и министерот за надворешни, јасно е зацртана нашата траекторија. Она што сметам дека за разлика од минатото, денес е евидентно е дека ние за идентитетот не преговараме. Мицкоски тоа во предизборието го говореше и е една од работите за којашто добивме силна поддршка.

-Сметаме дека треба да има цврсти гаранции, и јас како претседател на ЗЕЛС, градоначалник на Скопје, но и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, го поддржувам тој став на претседателот Мицкоски. Потребни се гаранции коишто ќе значат непостапување од идентитетските прашања“, вели за „Трилинг“ градоначалникот на Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски смета дека Европа прво мора да ја доживееме внатре, и дека е потребен целосен прогрес и развој на државата кој што ќе личи на Европа, но од друга страна, како што вели, повеќе го фрустрираат двојните аршини.

„За некој нема вакви условувања како за нас, и многу му е полесен патот на движење. Прво беше промена на знамето, потоа промена на името, сега имаме Бугари во Уставот, но тоа не е конечна работа. Самите претставници од бугарската страна кажуваат дека тоа е само почеток на тоа што треба ние да го имплементираме. Јас како Македонец сметам дека идентитетот е нешто за коешто не треба да се разговара и преговара по ниедна цена.

-Јас како припадник на младата генерација сакам да ги променам работите во државата и градот Скопје и граѓаните да имаат многу подобри услови за живот од тоа што живееле години наназад. Но тоа не значи дека јас по секоја цена или претседателот Мицкоски, Владата генерално, да прифатиме некој да не условува, уценува за нешто за коешто немаме извесност како ќе заврши. И да се случат уставните измени ние немаме извесност како ќе заврши таа работа. Затоа бараме гаранции дека ова е последната работа којашто треба да се направи, но дека тоа нема да задира во идентитетот на нашата држава“, вели Ѓорѓиевски.

Прашан за тоа кои министри потфрлиле во изминатиот период, Ѓорѓиевски смета дека одредени функционери не ги имаат исполнето очекувањата од граѓаните.

„Едноставно кажано не донесоа некои реформи. Јас не би навлегувал со имиња и со ресори, но знам дека претседателот прави темелна анализа. Мислам дека станува збор за 4-5 имиња. Претседателот на Владата прави темелна анализа, се покажа во изминатиов период дека многу прецизно ги води тие процеси, и сметам дека е добар момент што ќе има освежување во Владата“.

Осврнувајќи се на можноста за предвремени парламентарни избори, градоначалникот на Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека како политичка партија се подготвени.

„Интересно беше што СДСМ одреден период бараше предвремени парламентарни избори, па кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, рече еве подготвени сме да одиме на предвремени избори, некако како да бараа изговор тие да не се случат. Сметам дека најдобро е секоја влада целосно да го истера целосно својот мандат, што значи дека мојот став е дека треба да има редовни избори, но ако опозицијата е цврсто решена и сѐ уште го држи ставот што го имаше пред извесен период, ние сме подготвени“, вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот не сака да лицитира со датуми кога граѓаните на Скопје ќе се возат во нови автобуси.

„Никој не сакаше да пропадне постапката. Бевме цврсто убедени за час поскоро да бидат обезбедени автобусите. Јавниот повик е за брзо време повторен, и верувам дека постапката ќе биде успешна“. вели Ѓорѓиевски.

Надоврзувајќи се на состојбите во во Град Скопје, градоначалникот вели дека има ненаплатен близу 18 милиони евра данок.

Ѓорѓиевски смета дека Мицкоски треба да остане на чело на партијата.

Целото интервју погледнете го во видеото