Tројца од повредените во автобуската несреќа во Бугарија денеска ќе бидат пренесени во земјава

Тројца од повредените македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија која се случи минатиот вторник денеска ќе бидат пренесени во земјава, а двајца од повредените во саботата беа хоспитализирани во Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје.

Министерот за здравство, Венко Филипче тогаш информираше дека и двајцата пациенти се стабилни, со полесни повреди и ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична хирургија.

Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа Бугарија.

За петмината пациенти кои се уште се во болницата „Пирогов“ во Софија Филипче рече дека се во стабилна состојба, со полесни повреди, освен едниот пациент кој имал два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради скршеница на два пршлени.