Бугарското вето причина и за говорот на омраза во Македонија
Истражување на медиумската средина во Северна Македонија од страна на Фондацијата за хуманитарни и социјални истражувања во изминатите две години покажува дека ефектите од бугарскиот притисок се контрапродуктивни.
Притисокот на Софија врз Скопје е контрапродуктивен, покажала бугарската студија.
Говорот на омраза кон Бугарија кој се појави во македонските медиуми е резултат на ветото за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, заклучуваат од софиската Фондација за хуманитарни и социјални истражувања. Истражувањето на Фондацијата е спроведено од 2019 до 2021 година и опфатени биле над 100 македонски интернет-страници и блогови.
Во интервју за порталот „Медиапул“ заклучоците ги претстави еден од авторите, професорот по филозофија на Новиот бугарски универзитет – Димитар Вацов.
„Во 2019 година во македонските медиуми нема популизам, како што беше тогаш случај во Бугарија, но по септември 2020 година, амбиентот нагло се влоши и во моментов е „застрашувачки. За разлика од 2019 година, во моментов македонските медиуми се ужасни бидејќи нема алтернативни гледишта. Какви и да биле идеалите на бугарскиот притисок, резултатите се апсолутно контрапродуктивни. Во моментов во македонските медиуми не може слободно да се зборува за идентитетски прашања. По овој притисок, македонската јавност е апсолутно фрустрирана и инкапсулирана“, вели професор Вацов за „Медиапул“.
Медиумската ситуација ескалира во 2020 година, а Вацов издвојува неколку настани – интервјуто на професор Денко Малески и ставот на Бугарската академија на науки дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Вацов смета дека најголемата промена се случува по 9. септември 2020, кога Каракачанов официјално се заканува дека Софија ќе стави вето за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„Од 9 септември до крајот на годината има голем подем на македонскиот дискурс. Тогаш започнува и антибугарскиот дискурс. Само за Гоце Делчев и деривати од коренот `бугарски` има 3.033 текстови. До изјавата на Каракачанов на 9 септември има 710 текстови кои говорат за Гоце Делчев. А за четири месеци до крајот на годината има 2.323 текстови“ вели Вацов.