Мицкоски: Преговори со ЕУ веднаш, избори во Македонија што поскоро

„Владата сигурно ќе замине и тоа треба да се случи на избори час поскоро“. Ова е пораката што денеска ја испрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

„Апелирам да се соземат и да разберат дека се поразени и да има избори и да дојде народна влада, вистинска прогресивна влада. Сега имаме состојба 60 пратеници на опозиција, 59 на власта и еден кој не знам каде е. Тие (мнозинството) го деградираа и Собранието и институцијата пратеник. Напротив ние ќе работиме само за граѓаните. Ќе го реализираме ветеното, а нашата крајна цел е промена на оваа криминална влада предводена од СДСМ и ДУИ и формирање на влада која ќе работи за граѓаните, влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“ рече Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија смета дека ЕУ треба да се одважи и да даде датум за преговори без, да ја уценува државата со дополнителни отстапки.

„Секое решение кое е во рамките на Резолуцијата која е поддржана од политичките партии во македонскиот Парламент, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Иако во минатото не убедуваа дека немаме отворени прашања со соседите, но како и во други случаи тие лажат, така е и овој пат. Се обидуваат повторно со политички маневри да ја замајуваат јавноста“ рече тој.

Мицкоски посочи дека земјава треба да добие датум за преговори со ЕУ час поскоро и тоа треба да се случи сега, на декемвриски европски самит.

„Овој народ многу пати во минатото застанал на тие европски цивилизациски вредности, овој пат треба Европа да му врати на народот на Македонија и да не не уценува со дополнителни отстапки. Тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ. Треба веднаш да се даде зелено светло, Македонија да започне преговори со ЕУ. Европа треба да се одважи да му даде признание на овој народ и да ни даде датум за преговори“ е пораката на Мицкоски.