„Победата на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ може да ја искомплицира целта на Северна Македонија за влез во ЕУ и да влијае на односите со соседите Бугарија и Грција“, пишува бриселски „Политико“.
– Конзервативната партија во Северна Македонија треба да се врати на власт по седум години, постигнувајќи големи победи на парламентарните и претседателските избори во среда. Исходот се очекува дополнително да ја искомплицира долгогодишната амбиција на Северна Македонија за пристапување во Европската унија, како и нејзините односи со соседните Бугарија и Грција – пишува „Политико“.
Оттаму посочуваат дека „гласачите во малата балканска земја со 2 милиони жители изразија фрустрација поради корупцијата, бавното темпо на реформите и бавниот напредок на кандидатурата на Северна Македонија за влез во Европската унија. Во 2018 година земјата постигна историски договор, менувајќи го името и уставот и ставајќи крај на деценискиот спор со Грција. Договорот му овозможи на Скопје да влезе во НАТО во 2020 година; Меѓутоа, во последните две години, Бугарија ја блокираше кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ, барајќи да се измени нејзиниот устав за да се признае бугарското малцинство во земјата“.