Серџо Матарела: ЕУ минува низ најтешкиот период од нејзиното основање

Италијанскиот претседател Серџо Матарела изјави денеска дека Европската унија моментално минува низ својот најтежок период, за време на говорот по повод Денот на Европа, со кој се одбележува потпишувањето на Шумановата декларација во 1950 година, со која е основана Европската заедница за јаглен и челик, претходник на ЕУ.

„Европската историја минува низ својата можеби најкритична фаза од почетокот на процесот на интеграција. Безбедноста на нашиот континент е потресена од конфликти кои не сме ги доживеале во последно време. Би било илузорно да се сметаат кризите во нашата област како ограничени жаришта“, рече Матарела.

Тој оцени дека претстојните избори за Европскиот парламент се можност и одговорност за гласачите на земјите-членки на ЕУ „да се направат водечки фигури на својата иднина“, пренесува Анса.

Матарела истакна дека со гласањето Европејците формираат обединета и мирна ЕУ која е способна да ги усогласи различните ставови на своите граѓани.

Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 6 до 9 јуни.