Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека властите се подготвуваат да ја обвинат Србија за злосторства извршени за време на војната во Косово.
Курти побара од Државното обвинителство максимално да работи на кривично гонење и казнување на одговорните за злосторствата за време на војната, за кои има живи сведоци.
„Дури и Министерството за правда и моите правни советници, заедно со меѓународни експерти, се подготвуваат да ја обвинат Србија како држава одговорна за злосторствата извршени за време на војната во Косово, а тоа се воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид“, рече тој денеска.
Курти додаде дека овој процес продолжува, а кога ќе се случи нешто конкретно, јавноста ќе биде навремено информирана.
Курти претходно изјави дека Косово има намера да ја тужи Србија за геноцид, за периодот на последната војна во земјата.
Во 2021 година, тој изјави дека таква тужба ќе биде поднесена пред Меѓународниот суд на правдата.
Меѓутоа, експертите за меѓународни прашања претходно изјавија дека само земјите кои се членки на Обединетите Нации (ОН) можат да поднесат барање до Меѓународниот суд.
Затоа, некои од нив рекоа дека Косово може да покрене таков случај пред Меѓународниот кривичен суд.