Лионел Меси е апсолутен рекордер по бројот на награди за најдобар фудбалер во светот. Аргентинскиот фудбалер ја освои „Златната топка“ вкупно осум пати, првата ја доби во 2009 година, а оттогаш за наградата се води жестока борба со Португалецот Кристијано Роналдо, кој пет пати беше лауреат, последен пат во 2017 година.
Фактот дека великаните како Мишел Платини, Јохан Кројф и Марко Ван Бастен имаат по три „Златни топки“ покажува колку е голем подвиг за двајцата најдобри играчи на денешницата.
И поради ова, Меси е најповикан да зборува за тоа кој би можел да ја освои оваа награда во иднина. Аргентинецот избра четворица играчи. Интересно, тој не го вклучи првотимецот на Реал Мадрид, Џуд Белингем, случајно или намерно, само тој го знае тоа.
Меси во интервјуто за француски „Л’Екип“ одбра три имиња и едно кое засега сепак е малку изненадување.
– Кој би можел да се бори за „Златната топка“ во наредните години? Може да има убаво ривалство помеѓу играчи како Халанд, Мбапе, Винисиус. Има многу млади играчи кои доаѓаат. Мислам дека и Ламине Јамал од Барселона е момче кое ќе има голема улога и ќе се бори за наградата во иднина – рече Меси.
Букмејкерите, за разлика од Меси, го гледаат Белингем како главен кандидат за наградата оваа сезона. Му се даваат дури 25 проценти шанса да ја освои „Златната топка“. Зад него се Мбапе и Халанд.
– Се разбира, веројатно ќе има играчи за кои сè уште не сме слушнале. Секогаш се создаваат нови ѕвезди и убеден сум дека ни претстои навистина убава фудбалска ера во која сите ќе уживаме – се зборовите на Аргентинецот.