Арсовски: Владата знаела дека ќе има криза, а набавила над 400.000 дози кафе за 50.000 евра!

„СДСМ и ДУИ како Влада знаеле уште пред 4 месеци дека ќе има ваква криза која произлегува како резултат на други дејствија кои што се случуваат во светот. Информациите ги имале, но сепак одлучиле воопшто да не се интересираат како да допридонесат и помогнат на граѓаните, туку да ги остават граѓаните да тонат во сиромаштија и немаштија. Владата изминативе месеци, откако знаеле дека ќе има ваква сериозна криза, воопшто не штеделе и биле посветени единствено на луксуз, луксуз кој што само тие ќе го користат преку владините понуди. Потрошиле над 2 милиони евра само на луксуз изминативе неколку месеци откако знаеле дека ќе има криза“ рече меѓудругото на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Димче Арсовски.

„Пред Нова година па навака, само за хотелски услуги Владата потрошила, издвоила  11.8 милиони денари. Тоа се скоро 200.000 евра само за хотелски услуги. Собранието за мобилна телефонија и услуги изминативе месеци склучиле договор и потрошиле, издвоиле од буџетот на граѓаните дури 11.8 милиони денари. Тоа се исто како и претходната ставка приближно 200.000 евра. Во ек на ваква криза, службата за општи заеднички работи троши 2.9 милиони денари на режано цвеќе. Дури 50.000 евра за режано цвеќе. Никој не ни знае како и каде завршило тоа цвеќе. Потоа потрошиле за прибор за јадење 2.3 милиони денари. Приближно 40.000 евра на прибор за јадење“ вели Арсовски.

Портапаролот  на опозициската партија тврди дека „оваа Влада односно односно службата за општи заеднички работи врвот го достигнува со набавката за кафе. Три милиони денари одвоиле или 50.000 евра за набавка на кафе преку СОЗР само за нивни потреби на оваа Влада“.

„Замислете во 3 милиони денари, во груба пресметка бидејќи тоа одело на тендер, има набавка за околу 400.000 кафиња. 400.000 дози на кафиња набавила оваа Влада. Секој работен ден во една година во Владата треба да се пијат над 1.700 кафиња дневно“ вели Арсовски.