Кремљ: Предавниците да не се враќаат во Русија

Руските граѓани кои заминаа по „специјалната воена операција“ и ја зазедоа непријателската страна не треба да се враќаат во Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Ако внимателно го слушавте претседателот на Русија Владимир Путин, еве ја суштината на неговите изјави: меѓу оние кои не се согласуваат, има и такви кои остануваат со својата татковина. А има и такви кои станаа непријатели. Тие буквално зазедоа позиција на непријател на својата земја. Тоа се другите. Овде не се добредојдени, тоа е сигурно“, изјави Песков за публикацијата „Аргументи и факти“.

Тој рече и дека предавниците кои ќе започнат војна против Русија ќе бидат уништени, но ги нема многу.

Покрај тоа, портпаролот е убеден дека комуникацијата меѓу Русите и Украинците на крајот ќе биде обновена.

Според него, традиционалните вредности се буквално прашање на живот и смрт за Русија. Песков додаде дека „неопходно е во најдобра смисла на зборот да се промовира семејството, наталитетот, многудетните семејства“.

Претходно, рускиот лидер Владимир Путин на проширена седница на колегиумот на Федералната служба за безбедност изјави дека Русија ќе ги казнува предавниците каде и да се, без застарување.