
Мицкоски повика да не се наседнува на провокации, откако Радев се пожали на односот кон Бугарите
Да не се наседнува на провокации кои се континуитет – вака премиерот Христијан Мицкоски реагираше на најавата на бугарскиот премиер Румен Радев дека ќе разговара со генералниот секретар на Советот на Европа за односот кон Бугарите во Македонија.
Да не се наседнува на провокации кои се континуитет – вака премиерот Христијан Мицкоски реагираше на најавата на бугарскиот премиер Румен Радев дека ќе разговара со генералниот секретар на Советот на Европа за односот кон Бугарите во Македонија.
Според Мицкоски, држава која одбегнува да спроведе повеќе пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, најмалку има кредибилитет да коментира за човековите права во Македонија.
Тој порача дека ваквите пораки од Бугарија имаат цел македонската влада да возврати со, како што рече, потпалувачки речник, кој потоа би бил злоупотребен на меѓународната сцена.
-Тоа се провокации кои што во континуитет ги слушаме. Тоа е се, само не добрососедски односи. Најмалку има кредибилитет држава која што одбегнува примена на неколку десетици пресуди на судот за човекови права во Стразбур, да коментира за човекови права.
Уште повеќе што ние немаме во суштина пресуда против државата која што вели дека ние како влада ги нарушуваме или некако штетиме на човековите права на граѓаните. Така што, многу внимателно треба да приоѓаме на ова, да не наседнуваме. Токму тоа сакаат тие – рече тој.
Претходно, Радев изјави дека нема промена во односот на властите во Македонија кон Бугарите во земјата и најави дека на маргините на состанокот на Европската политичка заедница ќе ја отвори оваа тема со генералниот секретар на Совет на Европа Ален Берсе.