Џафери – Даштевски: Фер избори по европски вредности и придонес во напредокот кон ЕУ

На покана на техничкиот премиер Талат Џафери, денеска се остварила средба со претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски и членовите на Комисијата, затоа што обезбедувањето на фер и демократски избори е мандат на оваа Влада, но и обврска на Државната изборна комисија, информираат од Владата.

Џафери истакнал дека, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и взаемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи.

Ова секако е важно, затоа што меѓу другите обврски, двете институции заедно имаат и обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право.

Даштевски, го поздравил предлогот на премиерот Џафери за координација, затоа што ДИК како надлежно тело за успешно спроведување на изборите, и при тоа независно, непристрасно, одговорно и професионално во своето работење, има потреба од поддршка и од другите институции.

Од двете страни била нагласена законската надлежност, но и политичката волја, за слободни, фер и демократски изборни процеси на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај, на коишто, како и во неколкуте претходни изборни циклуси, граѓаните слободно ќе го направат својот избор.