Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид оди во затвор 9 години

Поранешниот бразилски фудбалер Робињо ќе мора да отслужи 9-годишна затворска казна во својата земја поради пресудата за силување во Италија во 2017 година.

Таа одлука ја донесе Високиот суд на Бразил, чии судии гласаа со 9-2 за да се потврди пресудата. Поранешниот играч на Реал Мадрид, Манчестер Сити и Милан има право на жалба до Врховниот суд во Бразил.

Робињо е осуден на 9 години затвор во Италија за учество во групен сексуален напад во 2013 година додека играл за Милан.

Бразил не ги екстрадира своите државјани, поради што Италија побара 40-годишниот Робињо да ја отслужи казната во својата татковина.

Неговиот адвокат, Хозе Едуардо Алкмин, на почетокот на рочиштето рече дека Робињо сака ново судење во Бразил врз основа на националниот суверенитет.

Првиот судија кој гласаше, Франциско Фалкао изјави дека Робињо треба да ја отслужи казната во Бразил. Тој додаде дека поранешниот фудбалер не смее да остане неказнет и дека односите меѓу Италија и Бразил може да се заострат доколку Робињо не ја отслужи казната.

„Нема пречка да се потврди извршувањето на неговата казна. Тоа го потврди и судот во Милано кој е надлежен за овој случај. Осудата е правосилна. На обвинетиот не му се судеше во отсуство во Италија, тој имаше претставник“, изјави Фалкао.

Робињо сепак ги негира обвинувањата и тврди дека сексуалните односи со жената во барот во Милано биле консензуални.

Имаше успешна кариера и освои бројни трофеи.

Тој одигра 100 натпревари за бразилската репрезентација од 2003 до 2017 година, постигна 28 гола и освои два Купа на конфедерации и Копа Америка.