Зеленски ги повика светските лидери да се соочат со Русија за да се зачува поредокот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика светските лидери да направат меѓународниот поредок заснован на правила „повторно да функционира“, со цел меѓународната заедница да се спротивстави на употребата на сила од Русија.

Во видео обраќањето на глобалната конференција за демократија, организирана од Јужна Кореја, Зеленски рече дека многу нации и региони во светот ќе имаат корист од обновувањето на меѓународното владеење на правото, пренесе Ројтерс.

„Заедно мораме да направиме светската сила, која полуде, повторно да ги почитува правилата и мораме да направиме тие правила повторно да функционираат“, рече тој на Самитот за демократија.

Овој самит е иницијатива на американскиот претседател Џозеф Бајден, со цел да се разговара за начините за „запирање на демократската регресија и деградација на правата и слободите“.

Зеленски рече дека за да надвладее мирот, американскиот Конгрес, каде политичките расправии го одложија усвојувањето на нацрт-законот со кој ќе се обезбеди дополнителна помош од 60 милијарди долари за Украина, мора да му се придружи на светот во „коавторство на цврста сигурност“.

Бајден, кој е демократ, го поддржува обезбедувањето воена помош за Украина, додека некои членови на Конгресот и поранешниот претседател Доналд Трамп се противат на финансирањето на Киев.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во средата изјави дека руските трупи ги потиснуваат украинските сили и дека Москва ќе ја зајакне својата армија со додавање на две нови дивизии и 30 нови формации до крајот на оваа година.

Русија минатиот месец објави дека целите на Москва во Украина остануваат непроменети, вклучително и демилитаризација и „денацификација“ на окупираните региони и зачувување на пошироката безбедност на земјата пред, како што тврди Кремљ, навлегување на НАТО.

Овогодинешниот Самит за демократија во голема мера се фокусираше на дигиталните закани за изборите и демократијата, вклучувајќи вештачка интелигенција, дезинформации, шпионски софтвер и други технологии.