Досега чекав официјален став од ВМРО-ДПМНЕ, па не реагирав. Таков нема досега, нема демант ниту од кандидатката, а медиумите ја пренесуваат веста дека кандидатурата на проф. Силјановска Давкова е само со потписите на пратениците, а се повикуваат на извори во ДИК, вели Билјана Ванковска – претседателски кандидат поддржан од Левица.
Таа смета дека е неодговорно од ВМРО-ДПМНЕ, прво да повика своите симпатизери и членови да се потпишуваат на кандидатурата на Гордана Силјановска Давкова, а потоа истите гласови да не ги употреби при кандидатурата во ДИК.
– Штета што прочка помина, зошто сега ќе мораа да бараат прошка од оние наводни 25.000 граѓани кои се потпишуваа за претседателска кандидатура, а чии потписи завршија на буниште. Не разбирам како е можно „голема“ и „народна“ партија да си дозволи луксуз од процесот на собирање потписи да направи шоу за еден ден, да натера луѓе да чекаат дисциплинирано во редици пред канцеларии на ДИК или кај нотари… Чуму? Како е можно она што беше опишано како „човечки и граѓански пркос“ и давање легитимација одеднаш да стане неважна дребулија во процесот на кандидирање зад кој сега наводно стојат само пратенички потписи? Велам наводно, бидејќи уште сакам да верувам дека она на 3 март не бил само обичен политички блеф и спектакл – вели Ванковска.