Додека денеска напладне во Москва се организираше протестен митинг наречен „Пладне против Путин“, Јулија Навални, вдовицата на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, им се придружи на демонстрантите во Берлин, кои протестираат против Путин.
Јулија точно напладне излегла на улиците на Берлин, а толпата скандирала „Јулија, Јулија“ и и аплаудирала.
Портпаролката на Навални, Кира Џармиш, објави видео на кое се гледа како граѓаните во Германија ја пречекале Јулија Навални.
Тие посочуваат дека целта на протестниот собир наречен „Пладне против Путин“ е да се мобилизираат опозиционерските гласачи да гласаат што е можно поголем број на третиот ден од претседателските избори во Русија. На третиот ден од изборите на неколку избирачки места во Москва беа уапсени речиси 50 лица, но не се соопштува од кои причини, пренесува Новаја Газета.
Од денеска во 12:50 часот по локално московско време, излезноста на гласачите на изборите ширум Русија изнесуваше 65,05 отсто, не сметајќи го бројот на онлајн гласачите, пренесе ТАСС, повикувајќи се на податоци на руската Централна изборна комисија.