Лидерот на владејачкиот СДСМ, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на отворање на промотивен штаб на СДСМ во Битола од каде порача дека претстојните избори се клучни за иднината на државата и од нив зависи дали, како што рече, ќе останеме на патот кој води кон просперитетна, развиена и европска држава.
„А повторно заглавување, со наведната глава, никој не сака. Никој не сака да чека нови 11 години во нови чекални. Сите се сеќаваме како изгледаше кога менторот на Мицковски, Груевски нѐ заглави и нѐ донесе до дното. Мицковски само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ дозакопа и ќе нѐ дозаглави, само за своја лична сатисфакција“ – рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не ја интересира иднината на државата и граѓаните. Како пример за тоа ги посочи локалните избори кога, според него, ветувале сѐ што им паднало на памет, а на крајот ништо не направиле.
„Битола и битолчани знаат која е најдобрата опција за подобра и просперитетна иднина. Која опција носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која не се откажува од европскиот пат“ – посочи Ковачевски.
Според Ковачевски, визија на СДСМ за иднината е реална и остварлива и најави дека наскоро ќе ја претстават изборната програма која, според него, содржи реални и остварливи мерки.