СДСМ и ДУИ гласаа против продолжување на рокот на важење на пасошите со Република Македонија

СДСМ и ДУИ гласаа против продолжувањето на рокот на важење на пасошите.

На денешната собраниска седница, беше ставен на дневен ред предлог Законот кој го поднесе опозицијата, но со мнозинство гласови на СДСМ и ДУИ пратениците на опозицијата беа надгласани.

За гласаа 46 пратеници, а против беа 54.

Со тоа, македонските граѓани остануваат во „државен притвор“.

Доколку се донесеа измените, за македонските граѓани ќе се сменеше само тоа што македонските граничари ќе можеа да ги пропуштаат на нашата граница за излез и оние со стар пасош, бидејќи штом излезете од Македонија, потоа, со стариот пасош без проблем се движите во најголемиот дел од Европа.

Пратениците на ДУИ и нивните слуги од СДС дополнително ја влошија состојбата што свесно и намерно ја создадоа со пасошите, вели Драган Ковачки, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашиот предлог-закон за измени и дополнувања, со кој баравме да се продолжи рокот на важење на пасошите издадени со име Република Македонија, а кои имаат важност, беше одбиен од оние што го создадоа проблемот. Одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе во пресрет на сопствените граѓани, а кои ги изолираа од преостанатиот цивилизиран свет, е невиден феномен, особено имајќи предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да почнеме преговори со Европската Унија“, додава Ковачки.

Според него, во 21 век да се ограничува слободата на движење на луѓето, да се кршат уставните права за влез и излез од сопствената држава, свесно да оневозможувате право на лекување болни надвор од нашата држава, да се ограничува правото на секој да може да избира и да биде избран се граничи со лудост.