Максим Димитриевски: Тоа што собрав 10.000 потписи докажа оти граѓаните ја препознаваат различноста

Кандидатот за претседател на Македонија од Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, се обрати откога успеа да ги собере потребните 10.000 потписи.

Димитриевски изјави дека со тоа се покажало оти граѓаните ги препознаваат различноста на ЗНАМ и него како кандидат за претседател за разлика од оние што досега беа и се на политичката сцена во Македонија.

Димитриевски потенцира дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е партија регистрирана пред два месеца, а довербата што ја добил од граѓаните со собрани над 10.000 потписи за пет дена за него не е момент за еуфорија, туку подразбира одговорност и обврска.

„Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на сите граѓани што покажаа храброст, разбуденост и политички активизам и излегоа на пунктовите во Државната изборна комисија во цела Македонија и го дадоа својот потпис за мојата кандидатура за претседател на Македонија. Посебна благодарност сакам да изразам до членовите и симпатизерите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кои активно и несебично учествуваа во изминатите пет дена во процесот на собирање потписи. За мене, поддршката од граѓаните претставува уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат. Таа е само уште една потврда дека граѓаните ја препознаваат нашата визија и мисија и се охрабруваат да ја дадат својата поддршка“, рече Димитриевски и додаде дека на барање на граѓаните, бидејќи интересот за давањето на поддршката е многу голем, списоците ќе останат во општинските канцеларии на ДИК за потпишувањето да продолжи и во наредните денови.

Тој им честита на сите кандидати што веќе ја добиле поддршката од 10.000 граѓани за официјализирање на кандидатурата, а на другите им посака успех на нивниот пат кон целта. Димитриевски повика на фер натпревар на идеи и ставови за подобра иднина на Македонија во текот на изборната кампања.

„Претседателот на државата треба да биде татко на нацијата, чувар на уставниот поредок, еднакво да се грижи за сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка и верска припадност. Претседателот треба да биде заштитник на основните придобивки на кои се темели македонската држава, а тоа се Илинден и АСНОМ. Сигурни сме дека ќе успееме затоа што граѓаните се со нас. Продолжуваме понатаму, со уште посилна верба, со голем ентузијазам, до конечна победа“, рече претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за претседател на Македонија, Максим Димитриевски.

Запрашан каков е ставот на Движењето во однос на предлозите од партиите на Албанците претседателот да се избира во Собранието, Димитриевски рече:

„Институцијата Претседетел на државата својата сила ја црпи, всушност, од непосредниот избор на граѓаните. Токму улогата што претходно ја споменав на претседателот е да се грижи за уставноста, законитоста и дополнително за сите граѓани“, рече тој.

Според Димитриевски, ова е само еден обид од многуте досега во предизборните еуфории што ги креираат моноетничките политички субјекти и нему како кандидат, а и за политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, му е апсолутно неприфатлив.