Околу 400 вработените во ЈСП протестираат пред просториите на Град Скопје

Околу 400 вработени на ЈСП „Скопје“ денеска излегоа на протест пред просториите на Град Скопје од каде што го чекаат исходот од вонреднатаседница на Советот на која советниците треба да расправаат по однос на исплата на субвенции за јавното претпријатие.

Во исчекување на вонредната седница на градските советници, вработените во ЈСП меѓусебе си делеа топол чај со оглед на утринските минусни температури во главниот град.

Како ќе се однесуваат вработените во ЈСП зависи од седницата на Советот на Град Скопје, изјави пред почетокот на протестот претседателот на Синдикалната организација на ЈСП, Миќо Стојановски.

„Затоа се собравме денеска во голем број да извршиме еден мал притисок врз советниците на Град Скопје кои веќе неколку месеци ја ескивираат и не ја носат одлуката за субвенционирање на буџетот. Ако денеска седницата на Советот на Град Скопје заврши онака како што вработените и синдикатите сакаат тогаш во попладневните и во вечерните часови јавниот градски превоз ќе функционира нормално“ – изјави Стојановски.

Доколку, како што рече, биде донесена одлука парцијално или месец за месец, што на вработените во ЈСП не им одговара, тогаш во наредниот период ќе биде стопиран јавниот градски превоз во Скопје.

Освен автобусите на ЈСП, Стојановски информира дека до 9 часот утринава возеле и приватните превозници.