Во Скопје состанок на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст усвоен од ЕК

Лидерите од земјите од регионот денеска, 22 јануари, ќе одржат состанок во Скопје посветен на Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската Комисија (ЕК).

На состанокот ќе присуствуваат и помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман.

Од лидерите од регионот најавено е учество на претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама, премиерот на Косово Албин Курти и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, а видеообраќање ќе има и Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Поголем дел од учесниците веќе се во Скопје и синоќа (21 јануари) имаа и неформална средба, на која покрај домаќинот – премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, првиот вицепремиер Артан Груби и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Планот за раст на Западен Балкан, на кој е посветен состанокот во Скопје, Брисел го презентираше на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан – две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми. Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.

Покрај состанокот наменет за Планот за раст, во Скопје вчера требаше да се одржи и настан по повод започнување на мерката за „Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан“, но од владината прес-служба информираа дека се одложува до моментот кога целосно ќе се овозможат техничките услови за имплементацијата на мерката во Албанија, Србија и Северна Македонија, поединечно.

За утре и задутре (23 и 24 јануари), пак, најавена е годишна конференција „Година на европски можности“.