„Африканска чума“ предизвикува милионски загуби кај бизнисите
Во милиони изнесуваат штетите кои африканската чума ги предизвика врз бизнисот со свинско месо. Неконтролираното ширење на вирусот во изминатиот период ги испразни фармите, посебно во источниот регион на државата. Поради уништувањето на свињите веќе се чувствува недостаток од свинско месо, а обновувањето на фармите оди бавно и тешко.
„Најмногу „удри“ на потегот од Штип до бугарска граница, Берово, Делчево, па и кај нас Штип и Карбинци. Овде се наоѓа и најголемата фарма, која задоволуваше 20% од потребите на свинско месо во целата држава и затоа имаме недостаток од свежо свинско месо. Сега ги чистиме фармите за да ги обновиме, ама тоа оди бавно и тешко“ вели Гоце Сарафимов од Асоцијацијата на земјоделци.
Свињарското производство е многу важна гранка и проблемот со африканската чума мора да се надмине, децидни се одгледувачите. Потребна е поголема едукација и јакнење на биосигурносните мерки во одгледувалиштата, но и намалување на бројот на диви свињи кои ја шират заразата.
„Приоритет би било во овој момент државата да преземе максимални активности. Да се подигнат стандардите за одгледување , да помогне на индивидуалните сточари. Исто битен фактор е да се контролира и да биде дозволен ловот на дивата свиња и да се сведе на биолошки минимум„ потенцира Ѓорги Каракашев од Мрежата на индивидуални земјоделци.
За две години во источниот регион се еутанизирани повеќе од 12 и пол илјади грла. Дел од нив заразени свињи, но другите се нештетно уништени само како превентивна мерка за да се спречи ширењето на заразата