Словенците се најдоа на прво место по купување недвижен имот во Хрватска кај странците, пишува Јутарњи лист, наведувајќи дека продажбата на недвижности минатата година паднала во повеќето жупании.
Најголем интерес за тргување со недвижности има во Вараждинската жупанија, прометот е зголемен за дури 52 отсто, на 5.309 завршени договори, а потоа следи Шибеничко-книнската жупанија.
Податоците на Даночната управа покажуваат дека најмногу се купувале „разни недвижности“ – деловни, производствени или трговски објекти/комплекси и угостителско-туристички објекти: тие отпаѓаат на четвртина од сите набавки и продажби. По нив следуваат земјоделските површини и становите, а четвртото место го зазема градежното земјиште.
При купувањето недвижности во Хрватска во последните години, странците заземаа значајно место, особено во годината пред воведувањето на еврото, а податоците за минатата година покажуваат благ пад. Но, тоа не важи за словенечките соседи, кои купија 3.392 имоти, околу 100 повеќе од претходната година, заземајќи го првото место по бројот на купени имоти во Хрватска.
Една година претходно на првото место беа Германците меѓу кои сигурно има и голем број хрватски емигранти. Минатата година купиле околу три илјади имоти, за околу 20 отсто помалку од 2022 година. Меѓу другите земји, најголемиот дел од купувачите на недвижности во Хрватска се жители на Австрија, Чешка и Словачка.