„Не размислувам за пензија“: Ѓоковиќ продолжува со доминацијата

Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на Австралија Опен откако славеше со убедливи 3-0 против во моментот 19. рангираниот тенисер Адријан Манарино во меч во кој му дозволи на противникот само три освоени гемови (6-0, 6-0, 6-3).

Србинот не го криеше задоволството по убедливата партија, а на пресконференцијата за медиуми говореше на повеќе теми започнувајќи од самиот дуел против Французинот.

„Не сум водел 6-0, 6-0 многу пати до сега. На првиот Ролан Гарос водев против Џинепри со 6-0, 6-0 и 3-0. Тензијата во третиот сет беше многу голема. Дали ќе освои гем или не, публиката го бараше тоа. Како да почувствував дека треба да му дадам гем, да се ресетирам и повторно да се фокусирам.

Последните два меча беа многу подобри од првите два. Не ми се случува прв пат да започнам споро, а потоа да ја кренам формата. Денеска најдобро се чувствував на теренот. Се радувам на следните броби, противниците ќе бидат подобро рангирани, нема веќе лесен меч. Имам искуство што треба да правам со телото, како да го кревам нивото и што да правам… Ден за ден се оди во добра насока“, изјави Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ вели дека се додека игра на врвно ниво, има мотивација и тренира со страст не размислува за пензија.

„И понатаму сакам да се натпреварувам, ја сакам оваа игра. Имам енергија и ентузијазам на тренинзите, работам со страст. Се повеќе ме боли што сум одвоен од семејството, со тоа се мачам, но се трудам да го избалансирам распоредот. Мислам дека заслужив со право да бирам кои турнири ќе ги играм.

Се додека сум број еден и при самиот врв не ми се остава тенисот во таа позиција. Сакам да продолжам, а кога ќе почувствувам дека не можам да бидам кандидат за грен-слем титула тогаш ќе размислувам за пензија. Сепак може и многу да се промени. Јас сум татко, сопруг па може многу работи да се случат во приватниот живот за да биде потребна мојата грижа, ќе видиме…“, додада Србинот.