Џафери се поблиску до премиерското столче: Продолжуваат преписките меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за техничката влада

Никој нема да гласа за никого освен за своите. Вака може да се толкуваат најавите на политичките партии за нивната поддршка за преодната влада, која треба да ја води државата до изборите на 8 мај, а која пратениците треба да ја изгласаат на 28 јануари. Откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи свои министри во преодната влада, но оти нема да ја поддржи истата влада бидејќи ќе ја предводи Талат Џафери од ДУИ, премиерот Димитар Ковачевски вчера им порача дека во тој случај министрите од ВМРО-ДПМНЕ нема да се најдат на спискот за министри додека нивната партија не даде поддршка за преодната влада, а од ДУИ пак возвратија дека тие нама да ги гласаат министрите од опозицијата.

Препукувањето кој за кого ќе гласа или нема да гласа на 28 јануари продолжи и денеска па социјалдемократите писмено ја соопштија дека ако ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува сопствените предлози за техничка влада, нема зошто ни пратениците од СДСМ да ги гласаат.

Тие притоа ја повика најголемата опозициска партија согласно законот и таа да ги даде своите кандидати во владата, исто како и сите други партии, и да гласа за неа.

Од Белата палата пак им возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да ја гласа за преодната влада.

За какофонијата околу гласањето на преодната влада да биде уште поголема придонесе и опозицијата од албанскиот политички блок, која пак вчера најави дека пратениците од нејзините редови нема да гласаат за изборот на Талат Џафери за претседател на преодната влада, доколку ДИК најбрзо што е можно не се пополни со членот од нејзините редови. Нивен предлог за член на ДИК е Абуш Демири од БЕСА, кого владејачкото мнозинство во собраниската Комисија за избори и именувања го отфрли како предлогот пред еден месец.